Со проучување на микроскопската структура на ткивото на црниот дроб (хистологија на црниот дроб), можно е да се проценат различните абнормалности што вообичаено ги има кај примарниот склерозантен холангитис (ПСХ). Ова може да помогне да се одреди тежината и напредокот на ПСХ. Хистологијата на црниот дроб обично се бодува од аспект на степенот и стадиумот. Степенот ја претставува тежината на основната болест, што се мери со степенот на воспаление и некроза (смрт на клетките на црниот дроб). Стадиумот го претставува напредокот на болеста, што се мери со степенот на лузни (фиброза) и цироза најдени во црниот дроб.

Ниската преваленција и хроничниот тек на болеста кај ПСХ, ја попречува процената на цврстите клинички крајни точки, како што се трансплантација на црниот дроб или смрт. Затоа, замена или „сурогат“ крајни точки, како што се оценката на ризикот на Мејо и други биохемиски и клинички маркери, во моментов се користат во клинички испитувања за ПСХ. За жал, овие сурогат крајни точки сѐ уште не се потврдени за ПСХ.

Посебни системи за хистолошко бодување за да се оцени степенот и стадиумот на ПСХ не се достапни. Оваа студија имаше за цел да утврди дали системите за бодување развиени за други болести на црниот дроб може да се користат за проценување на степенот и/или стадиумот на ПСХ. Поточно, целта беше да се процени дали другите системи за бодување имаа прогнозирачка вредност при предвидувањето на исходот од ПСХ. Во таков случај, хистологијата на црниот дроб би можела да стане важна во оценувањето на ефикасноста на третманот во терапевтски клиничките испитувања и може да се користи како сурогат крајната точка.

Системите што беа користени се системот на Исак (првично развиен за хроничен хепатитис), системот на Лудвиг (првично наменет за примарен билијарен холангитис (ПБХ)) и еден понов систем предложен од Наканума, повторно наменет за ПБХ. Предноста на системот за бодување на Наканума е тоа што ги зема предвид хистолошките карактеристики заеднички со ПСХ. Дефинирани се три крајни точки за мерење на исходот на ПСХ: 1. Преживување без трансплантација (комбинација на смрт поврзана со ПСХ, трансплантација на црн дроб и развој на холангиокарцином) 2. Трансплантација само на црн дроб 3. Развој на симптомите поврзани со цироза.

Беа вклучени шеесет и четири холандски пациенти со ПСХ од холандската група „Проект Epi PSC PBC“ (10 пациенти беа дијагностицирани со ПСХ со мал канал). Сите пациенти беа подложени на биопсија на црниот дроб за да се утврди дијагнозата на ПСХ. Имаше 40 мажи и 24 жени, а 43 пациенти беа дијагностицирани со воспалителна болест на цревата, најчесто со улцеративен колитис. Единаесет пациенти стигнаа до крајна точка за време на истражувањето; на тројца им беше дијагностициран холангиокарцином (двајца починаа), а осум пациенти беа подложени на трансплантација на црниот дроб.

Со оваа студија, истражувачите покажаа дека трите системи за стадиуми се предвидувачки показатели на двете крајни точки 1. Преживување без трансплантација и крајната точка 2. Трансплантација на црниот дроб. Се покажа дека системот за стадиуми на Наканума има најсилна предвидувачка вредност. Ова може да се објасни со фактот дека овој систем вклучува опции специфични за ПСХ. Сите три системи за стадиуми навестија дека степенот на фиброза е важен параметар за предвидување на веројатниот тек на болеста.

За да се процени дали биохемија на црниот дроб може да го одразува степенот на оштетување на црниот дроб што се мери со биопсија на црниот дроб, истражувачите извршија прелиминарни анализи за утврдување на корелациите помеѓу биохемијата на црниот дроб и хистолошкиот степен и стадиум. Не се пронајдени силни корелации. Според истражувачите, ова сугерира дека биохемијата на црниот дроб не го одразува степенот на хистолошка повреда. Тие цитираат една неодамнешна студија на Queen et al. којашто исто така покажува дека кај пациентите со ПСХ може да има сериозен напредок во заболувањето на црниот дроб во услови на нормална биохемија на црниот дроб.

Голем број студии, вклучувајќи ја и тековната студија, укажуваат на тоа дека напредокот, па дури и подобрувањето на хистолошкиот степен/стадиум може да се процени со биопсија на црниот дроб. Оваа студија покажува дека бодувањето на хистологијата на црниот дроб има прогнозирачка вредност за одредување на исходот на болеста. Хистологијата на црниот дроб затоа може да се смета за корисен маркер за проценка на напредокот на болеста кај ПСХ.

При забележувањето и дискусијата за ограничувањата во студијата, истражувачите тврдат дека примената на системите за стадиуми на Наканума, Исак и Лудвиг кај ПСХ е изводливо и клинички релевантно. Хистологијата може корисно да послужи како сурогат крајна точка во клиничките испитувања за ПСХ, но потребни се понатамошни истражувања во поголеми мулти-центрирани групи за проверка на сегашните резултати.

———————————————————————————————————————————————————————————————

Автор на статијата е Dr. Elisabeth M.G. de Vries (АМЦ Амстердам, Холандија)

Уредник: Valmae Y

Преведувач: Софија Крнческа

февруари 2016

Оваа верзија се базира на целосната статија:

Applicability and prognostic value of histologic scoring systems in primary sclerosing cholangitis

J Hepatol. 2015 Nov;63(5):1212-9. doi: 10.1016/j.jhep.2015.06.008. Epub 2015 Jun 18.

Elisabeth M.G. de Vries1, Joanne Verheij2, Stefan G. Hubscher3, Mariska M.G. Leeflang4, Kirsten Boonstra1, Ulrich Beuers1, Cyriel Y. Ponsioen1,

1 Department of Gastroenterology and Hepatology, Academic Medical Center, Amsterdam, The Netherlands; 2 Department of Pathology,

Academic Medical Center, Amsterdam, The Netherlands; 3 School of Cancer Sciences, University of Birmingham and Department of Cellular

Pathology, Queen Elizabeth Hospital, Birmingham, United Kingdom; 4 Department of Clinical Epidemiology, Biostatistics and Bioinformatics,

Academic Medical Center, Amsterdam, The Netherlands

 

 

 

 

 

 

 

Поимник

Биохемија на црниот дроб: група на тестови на крвта што откриваат застој во жолчката и оштетување на клетките на црниот дроб

Корелација: статистичка мерка што го покажува степенот до кој две или повеќе променливи варираат заедно

Ефикасност: способноста да се добие очекуваниот или посакуваниот исход

Фиброза: задебелување и лузни на сврзното ткиво (стадиуми)

Степени: хистолошко мерење на тежината на основната болест, се мери преку степенот на некро-воспалителна активност (мерено со скала по категории)

 

Хистологија: научна студија за најситните детали на биолошките клетки и ткива со помош на микроскопи за набљудување на примероци од ткива внимателно подготвени со помош на специјални процеси наречени „хистолошки техники”

Хистопатолошки: микроскопски преглед на ткиво со цел да се проучат манифестациите на болеста.

Некро-воспалителна активност: го одразува степенот на некроза и воспаление

Некроза: смрт на клетките

Прогнозирачка: во врска со или служи за да се предвиди веројатниот тек на медицинска состојба

Стадиум: хистолошко мерење на напредокот на болеста, измерен според степенот на лузни (фиброза) и цироза на црниот дроб

Проверка: процес со кој проценува сигурноста на системот или инструментот за собирање податоци (на пример, стадиуми, прашалници и така натаму) од аспект на точноста или оправданоста

Оваа статија е ослободена од авторски права кога:

1   Се споменува „Статија од PSC Patients Europe (PSCPatientsEurope.org)“

2   Се испраќа линк/копија до PSC Patients Europe преку info@PSCPatientsEurope.org

Ние ќе ги собира сите податоци во врска со ширењето на статијата и обезбедуваме повратни информации до авторот, како и другите истражувачи и заинтересирани страни. Тоа придонесува кон нашата цел да ги направиме апстрактите широко достапни за јавноста.

Ако имате понатамошни прашања или забелешки за статијата, испратете е-порака до info@pscpatientseurope.org. Дали уживавте во читањето на статијата? Многу би ни значело ако означите дека „ви се допаѓа“ нашата страница на Фејсбук „PSC Patients Europe“, како и објавата со статијата. Исто така, размислете за донација до PSC Patients Europe. Ќе го информира авторот за вашите повратни информации и ознаките „ми се допаѓа“.